Под урнатините од разорниот земјотрес во Турција сѐ уште се извлекуваат преживеани. Турските медиуми денеска пренесоа дека е спасена 70-годишна жена која успеала да преживее 122 часа.
„Сѐ уште ли има свет?“
-Има тетко има. Дојди ајде.
-Добредојде тетко!
А од Хатај доаѓа друго чудо. 2-месечно бебе успеа да преживее 128 часа под урнатините на зграда во Бујукшехир.
Во меѓувреме, пак, силите на редот во Турција продолжуваат со апсења на лица кои злоупотребувајќи ја хаотичната ситуација со земјотресот, вршат кражби во супермаркети и разни други места. Турскиот Претседател, Реџеп Таип Ердоган денеска го посети погодениот регион Дијарбекир.
„Од вас барам само една година и со помош на Господ сите објекти ќе бидат изградени. Како што правевме секогаш, повторно обединети, ќе дејствуваме и ќе ги постигнеме нашите цели“, вели Реџеп Таип Ердоган.
Во Сирија, пак, Претседателот Башар ал Асад првпат ги посети погодените области од земјотресот. Како што објавија сириските државни медиуми, тој и неговата сопруга Асма посетиле болница во Алепо. Неговата Влада одобри испорака на хуманитарна помош преку линија на фронтот од 12-годишната граѓанска војна, потег што може да им излезе пресрет на милиони луѓе кои имаат нужна потреба од помош.
Бројот на жртвите во Турција и Сирија се искачи на над 24 илјади. Во Сирија бројот на бездомници е значително зголемен, додека во Турција над 80.000 лица се лекуваат во болници.
