Куманово воведува нови правила за јавниот превоз од 1 јануари 2027 година. Со одлуката на Општината, бројот на автобуски линии се намалува од 26 на 19, а се утврдуваат шест тарифни зони со максимални цени на билетите од 50 до 140 денари, без ДДВ.
Од Општината уверуваат дека и покрај спојувањето на дел од линиите, целата територија ќе остане покриена со јавен превоз. Предвиден е и попуст од 50 проценти за учениците и редовните студенти.
Новите цени не се задолжителни, туку претставуваат максимални износи што превозниците ќе можат да ги наплатуваат.
Одлуката предизвика реакции кај опозициските советници, кои предупредуваат дека повисоките цени дополнително ќе го оптоварат семејниот буџет на граѓаните, додека намалувањето на линиите би можело да го отежне секојдневното патување.
Новата организација на јавниот превоз ќе важи пет години.
