70% од тетовскиот регион без вода за пиење – микробиолошките анализи покажуваат дека има присуство на бактерија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од 92 села во тетовско, во околу 70% од нив водата не е микробиолошки чиста, алармираат од Центарот за јавно здравје-Тетово. Според Ратко Давидовски, водата за пиење во повеќето села содржи ешерихија коли и колиформни бактерии.

Општините Теарце и Боговиње се општините во чии села водата е најзагадена. ТВ21 ја посети општината Боговиње, каде од Претпријатието „Шари“ ни рекоа дека имаат тим кој се грижи за водата за пиење, а проблем, како што објаснуваат,  се населените места со кои тие не стопанисуваат.

„Претпријатието „Шари“ во општина Боговиње стопанисува со 6 населени места и тоа Пирок, Камењане, Жеровјанe, Синичанe, Долно Палчиште и Селце. Секојдневно се следи состојбата. Имаме тимови кои се занимаваат со одржување на водоснабдувањето, каде што има потреба од мониторинг ја следиме состојбата, каде што има потреба од чистење чистиме, каде што има потреба од санација санираме. Секој ден има екипи на терен за одржување на системот“, вели Алит Абдиј.

Екипата на ТВ21 беше во селото Долно Палчиште, каде ниту една од анализите на Институтот за јавно здравје не излезе исправна, ниту од микробиолошки, ниту од физичко-хемиски аспект. Револтираните жителите велат дека се запознаени со оваа ситуација, па затоа, како што раскажуваат се принудени да полнат вода од планинските извори.

„Веќе 10 години не ја пијам вода. Секоја недела одам во Новак и полнам вода. Ако не ми верувате дојдете дома, синоќа бев и наполнив вода. Тука во Палчиште, водата не е за пиење. Мене таа вода ми се допаѓа, не знам од каде доаѓа, но мислам дека не е лоша“.

„Да, знаеме. Веќе 10 години, можеби и повеќе. Одиме и полниме во Новак, бидејќи таму водата извира од извор. Во нашето село водата не се пие, срамота. Доаѓаат бараат гласови, а потоа ништо не преземаат. Каков срам“

„Доаѓа од базен, целата е со кал. Не може да се пие, кога врне дожд… катастрофа, не оди вака. Полниме од разни извори, што да кажам, воопшто не е исправна. Нека ја средат оваа работа, бидејќи не е еден ден. Треба да живееме без вода, што да правиме“.

Во селото Палчиште пред неколку месеци стартуваа активностите за изградба на нова водоводна мрежа. Но, поради немањето вода, локалното население честопати го креваше гласот и излегуваше на протест.