324 илјади пензионери во земјава јануарските пензии ќе ги добијат со зголемување од 722 денари, иако пензискиот фонд е се уште дефицитарен. Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска рече дека покачувањето на пензиите пред изборите не е популизам туку се должи на позитивните показатели од реформата за стабилизирање на пензискиот систем.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по направениот хаос во МТСП кој го остави Мила Царовска со креирање на нефункционални законски решенија во која се спојуваат ПРАВА и УСЛУГИ, таа продолжува со исто темпо како вицепремиерка за економски прашања, создавајќи лажна слика за пензиите, доведувајќи ја во заблуда јавноста, посебно пензионерите .
Но, пензискиот Фонд може да биде целосно самоодржлив ако соодносот би бил еден пензионер на тројца вработени. Сегашниот дефицит може да се преполови и да се постигне постабилна состојба ако понатаму се работи на придонесите и на бројот на вработени во реалниот сектор.
Во номеври минатата година, кога беа најавени покачувањата на минималната плата, пензиите, но и сопирањето на прогресивниот данок, владата доби критики од Меѓународниот монетарен фонд. Како што порачаа од таму, ова ќе ги поткопа придобивките направени во фискалните политики. Тогаш, ММФ ја потсети Владата дека за подобрување на животниот стандард на граѓаните мора да има раст на економијата и структурни реформи. Воедно „монетарците“ во ноември порачаа дека зголемувањето на минималната плата нема да ја намали сиромаштијата, бидејќи е многу поголема кај невработените, но може да го намали формалното вработување. Забелешката на ММФ беше дека минималната плата расте побрзо од продуктивноста на трудот што, според нив е над регионалните стандарди.
