74-годишен жител на тетовско Џепчиште бил пронајден без знаци на живот на планината Шара, на надморска височина од околу 2.500 метри. Од СВР Тетово информираат дека на 20 септември, во 14:37 часот, група планинари пријавиле дека на планинарска патека забележале тело на постар човек.
Поради непристапниот терен, во акцијата за извлекување на телото со хеликоптер биле ангажирани припадници на Специјалната единица „Тигар“. Телото било пренесено во Одделот за судска медицина при Клиничката болница во Тетово, каде што по извршените медицински проверки било констатирано дека 74-годишниот А.С. починал од природна смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото му било предадено на семејството за погреб.
