Иако состојбата на Ромите во земјава и нивната вклученост во општествениот живот е подобрена, сепак оваа етничка заедница и натаму се соочува со проблеми главно егзистенцијални и поради тоа многумина од нив и натаму се на општествените маргини. Суад Скендери од Институтот Ромалитико вели дека иако не може да се каже дека целосно е искоренета дискриминацијата и предрасудите мора да се напомене дека има голем напредок во нивниот статус во државата.
„Ако претходно беше проблем да видите некој Ром вработен во бизнис секторот, можете да видите дека се почесто има Роми вработени во таквите маркети, за разлика од пред 15 години за нас тоа беше, замислена идеја, именка која што сакавме да ја видиме како промена, можам да продолжам да ви зборувам и во здравство можам да зборувам и за другите теми.“, вели Скендери.
Но, она што и натаму останува болна точка се децата Роми кои питачат по улиците и на семафорите наместо да се во училиште или други образовни институции. Се разговара ли со власта за решавање на овој проблем.
„Да, точно е, постои тој феномен, односно постојат дечиња на улица кои што питачат, да постојат сиромашни семејства, тоа можете да го најдете и во секоја друга етничка група, разликата е во тоа што, првата слика за Ромите ја добивате на семафорите и на улиците каде што деца просат. Не можам да кажам дека државата доволно прави, но можам да кажам дека во овој момент државата најмногу се вложува децата на улица и бездомниците да бидат згрижени.“, рече Скендери.
Денеска се одбележува 8 април, Меѓународниот ден на Ромите посветен на историјата и културата на оваа заедница.
