8 жртви во сообраќајки во 2022 во Тетово – полицијата најавува поостри мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, како и неприспособувањето на брзината кон условите на патот, најчесто завршува со сообраќајна несреќа, каде покрај материјална штета има и повредени или загинати.

Само во тетовскиот регион во 2022 година се регистрирани вкупно 805 сообраќајки. Според полицијата, најголем број – 421, поминале само со материјална штета, но за жал има и настрадани пешаци. Со телесни повреди се здобиле 376 лица, од кои 8 го загубиле животот.

„Забележавме значително намалување на бројот на несреќи. Исто така за 9% е намален бројот на лица кои се здобиле со повреди при сообраќајни незгоди, но за жал, оваа година беше кобна за осум жртви кои настрадаа во сообраќајки. Повеќето од жртвите се пешаци и велосипедисти, а еден од нив е возач“, вели Фатмир Реџепи.

Тетовската полиција најавува поригорозни мерки како за пешаците, така и за возачите, со цел поголема безбедност.

„Апелираме до граѓаните, главно до пешаците, да не го поминуваат коловозот каде стигнат, туку само на места означени за пешачки премин. Од таа причина ќе продолжи организирањето на контролни активности, односно контролни дејствија за сторени прекршоци од страна на пешаците во сообраќајот, но и против возачите кои не им даваат предност на пешаците“, додаде Фатмир Реџепи.

Најголем број сообраќајни несреќи се случиле на тетовските патишта, како и на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, а останатите се случиле на околните локални и регионални патишта.

Бројот на незгоди поради излегување на возилото од коловозот е 110, додека 73 сообраќајни незгоди се предизвикани од неконтролираното движење на животни на коловоз, од кои најголем дел на автопат. Инаку, на ниво на цела Северна Македонија лани во сообраќајни несреќи животот трагично го загубија околу 116 лица.