Сали уверува дека се работи на новиот Изборен Законик – „има напори за постигнување договор, но се уште е во фаза на преговори“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали тврди дека се уште се прават напори за постигнување договор на политичките партии за усвојување на Изборниот законик. Тој рече дека на ова работи новиот министер за правда Јетон Шасивари и дека во тек се преговори со политичките партии.

„Тој закон беше едногласно прифатен од повеќе политички партии кои што се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент се повлекоа две политички партии и не ги поддржаа тие измени и по промената во Министерството за правда веќе има напори за усвојување на тој закон меѓутоа тој е во фаза на преговори се уште. За жал се повлекоа“, порача Беким Сали.

Прашањето за Изборниот законик повторно се актуелизира откако во средината на јули истече рокот за негово донесување од реформската агенда. За овој закон вчера скоро сите партии излегоа со став дека остануваат на своите позиции што практично значи дека нема приближување на ставовите околу овој закон. Како дел од реформската агенда е и Кривичниот закон за кој крајниот рок што го постави Европската унија е декември оваа година. Сали очекува да биде навреме усвоен.

„Новиот министер е посветен и на Кривичниот законик така што сметам дека тоа се закони кои што побаруваат поширок консензус и поддршка од повеќе нивоа така што министерот работи и се надевам дека ќе се успее да се реализира крајната цел“, вели Беким Сали.

Изборниот законик е еден од неколку закони кој може да се блокира со филибастеринг и за кој е потребен консензус од политичките партии. Вчера Филипче рече дека тие не се согласуваат со предлогот на власта за гласање на дијаспората по електронски пат или по пошта бидејќи сметаат дека со тоа се подготвува изборна кражба. Помалите партиите пак бараат да има една изборна единица, нешто со што не се согласуваат албанските политички партии. Вчера премиерот Мицкоски истакна дека очекува опозициските партии да се договорат да предложат заедничко решение.