Треба да се направи јасен план за нашата стратешка определба, повика премиерот Христијан Мицкоско на научен собир по повод 80 години од Заседанието на АСНОМ. Тој апелира да се постигне обединетост и во меѓувреме изјави дека се бара начин да се корегираат, како што вели, капитулациите и поразите на минатата власт.
„Ако сме разединети, нема никогаш да победиме, што впрочем како народ и нација во историјата ни се случувало и затоа треба многу мудро денеска да носиме одлуки, за да можеме да стигнеме онаму каде што сакаме да стигнеме“, порача Христијан Мицкоски.
Мицкоски повтори дека е неопходно да се креира државна стратегија во соработка со МАНУ. Првиот човек на институцијата, Живко Попов потсети дека и покрај сменетото државно знаме и име не се отворил преговарачкиот процес, но апелира храбро да се продолжи по зацртаниот европски пат.
„Изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ. Сепак, треба да сме свесни дека само рамноправен дијалог и соработка со соседите и Европската Унија, може да се дојде до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми“, вели Живко Попов.
Додека претставниците на Владата го одбележуваа Заседанието на АСНОМ во Музејот на ВМРО, делегации од Град Скопје и од Собранието положија цвеќе пред споменикот на антифашистичките борци во кругот на Владата, по повод 80 години од ослободувањето на Скопје од фашизмот. Овој ден го честиташе и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, според кого, во време на економски и политички предизвици, треба да не води храброста и одлучноста на предците, кои не се откажале борејќи се за слобода, правда и еднаквост.
