80 години кодификација на македонскиот јазик – албанскиот ја чека одлуката на Уставниот суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонскиот јазик е коренот на македонскиот идентитет. Без нас тој не ќе живее ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ова го порача претседателката Гордана Силјановска Давкова на свечената академија во МАНУ за 80 годишнината од кодифицирањето на македонскиот јазик, на кое посочи дека македонскиот јазик се уште се соочува со предизвици на непризнавање.

„Денес 80 години по кодификацијата македонскиот јазик повторно се соочува со предизвици. Првиот предизвик се сеништата на анахроните балкански национализми кои што се уште не се помирени со реалноста на македонскиот идентитет. Изминативе 30-ина години имаше обиди за бришење на македонскиот јазик кои што варираа од негово грубо негирање преку еуфемистично преименување“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателката Силјановска беше запрашана и за законот за употребата на јазиците за кој беше најавено дека Уставниот суд ќе донесе одлука, по локалните избори. Венецијанската комисија веќе има изготвено таканаречено пријателско мислење за овој закон за што Силјановска не очекува дека ќе биде поразлично од тоа што претходно го даде.

„Верувам дека Венецијанската комисија нема да излезе надвор од тоа мислење, но се разбира мислам дека и ќе има свој претставник кога ќе се расправа за законот за употребата на јазиците. Не смееме однапред да предвидуваме како ќе одлучи Уставниот суд. Ќе се држи до Уставот, но исто така ќе се држи и до компаративната европска практика“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Подготвителната седница за законот за јазиците треба да се одржи на 19 јуни, но како што рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски одлуката ќе се носи по одржувањето на локалните избори. Во меѓувреме доставено е мислењето и од Венецијанската комисија кое ќе се разгледува на самата седница.