Нема да расте границата за пензионирање – ниту да се кратат празниците, според премиерот Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пензискиот систем е стабилен и сигурен, а пензионерите немаат никаков простор за грижа, вели премиерот Христијан Мицкоски и уверува и дека во моментов нема потреба од мерки како зголемување на старосната граница за пензионирање или повисоки придонеси како што предлагаат експертите. Одговорот доаѓа по предупредувањето на Фискалниот совет дека без пакет на реформи веднаш, дупката во ПИОМ ќе расте и може да достигне до 1,3 милијарди евра. Во моментов над 40 отсто од расходите во ПИОМ се покриваат од државната каса. Премиерот вели секој има свој став, како и директорот на ПИОМ, кој се согласи со експертите, сите предлози и забелешки за реформи ги земаат предвид, но крајната одлука ја носи Владата.

„Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна. И не треба да се грижат пензионерите. Впрочем оваа влада ги зголеми пензиите просечно како ниту една друга Влада во историјата на независна Македонија. Доколку понатаму и во иднина имаме било какви политики јавноста ќе биде, поинакви политики јавноста ќе биде информирана. Парите се тука, но парите треба да се пронајдат онаму каде што се злоупотребуваат“, рече Христијан Мицкоски.

Мицкоски е дециден и околу  предлогот на Стопанската комора за намалување на бројот на празниците за работниците. Вели стекнатите работнички права треба да се почитуваат и тука нема никакви дилеми.

Опозицијата пак излезе со обвинувања, дека власта го довела фондот за ПИОМ пред колапс. Велат дупката во Пензискиот фонд ја зголемија на историски 1 милијарда евра, над 14% од целиот државен буџет.

„Иако од 1 јули придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процентен поен, преку пренасочување на средствата што одеа во Агенцијата за вработување, дефицитот продолжува да расте. Последните анализи на Фискалниот совет укажуваат дека дупката ќе се зголеми на 1.3 милијарди евра во наредните години! Исплатите на пензиите на сегашните и идните пензионери се во ризик“, вели Јована Тренчевска.

Дупката во ПИОМ е проблем за кој се зборува со години, а Светска банка и ММФ веќе неколку пати препорачаа освен придонесот, да се зголеми и границата за пензионирање.