Вкупно 81 лице, вработени во РЕК Битола, денеска до 15 часот побарале медицинска помош во ЈЗУ Клиничка болница Битола поради стомачни проблеми.
Специјалистот инфектолог Хараламбос Сидиропулос изјави дека на сите пациенти им е укажана лекарска помош, а најголемиот дел се пуштени на домашно лекување.
– Во нашето одделение се јавија 81 лице со симптоми како стомачни болки, повраќање и температура. Сите имаат иста клиничка слика и како можна причина наведуваат консумирање лазањи со сос во кујната на РЕК Битола. Поголемиот дел од работниците се со полесна клиничка форма, на дел од нив им беше дадена инфузија, додека едно лице е задржано на Интерното одделение за понатамошен третман – изјави Сидиропулос.
Здравствените проблеми кај вработените биле регистрирани во текот на денешниот ден, а надлежните институции веќе вршат испитувања и анализи за да се утврди причината за случајот.
