Со посебни потреби, сам и без грижа – Центарот за социјални работи бара сместување за Ќиро Јанески од Кичево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Ќиро Јанески, 58-годишен маж од Кичево.

Веќе една недела живее сам во станот на своите родители, откако починал неговиот татко, кој се грижел за него. Пред една година починал и неговиот брат.

Така, 58-годишниот маж со посебни потреби останал целосно сам и без грижа. По смртта на неговиот татко, соседите од зградата ги известиле надлежните институции, бидејќи Ќиро не може да живее сам.

– Ќиро, со кого живееш?

 – Со никого!

– Татко ти почина пред една недела?

– Да.

 – И оттогаш си сам?

– Да.

Ќиро живее во тешки услови, опкружен со нечистотија и непријатна миризба. Неговата желба е да биде сместен во установа за згрижување, бидејќи се плаши да живее сам.

– Кој ти носи храна? Имаш ли што да јадеш?

– Да, имам.

 – Кој ти носи, соседите?

– Црвениот крст ми носи.

„Најпрво одиме да го посетиме и му носиме храна. За другите работи немаме овластување да проверуваме каква терапија прима, бидејќи немаме вработен лекар. Заедно со Центарот за социјална работа треба да се разгледа неговата медицинска документација, за да се утврди дали прима терапија или му е потребно нешто друго. Треба да биде прегледан и во кичевската болница, бидејќи немаме дополнителни информации. Комуникацијата со него е отежната.“, вели Бесник Селими

– Дали имаш услови за живот тука? Гледам дека си сам. Можеш ли да живееш сам?

– Не, не можам.

 – Дали си болен? – Не.

– Што сакаш од државата, Киро?

– Сакам да одам во Скопје.

Вработените во Центарот за социјална работа во Кичево излегле на терен и презеле мерки за да му обезбедат соодветно сместување и грижа.

„Ги видовме условите во кои живее лицето. Тој е лице со попреченост и не може да остане сам дома. Нема други членови на семејството или некој друг што би можел да му помогне, ниту приходи што би му овозможиле издржување. Уште истиот ден стапивме во контакт со Министерството и се обидовме да му најдеме соодветно место во некоја од установите. Но, бидејќи сите установи се со исполнети капацитети, повторно разговаравме со надлежните и се надеваме дека следната недела ќе се ослободи едно место, по што Ќиро ќе биде сместен во Центарот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје“, вели Пејтиме Мехмеди.

Лицата како Ќиро се многубројни во нашата земја, додека државните капацитети за згрижување и сместување на овие лица се целосно исполнети.