9,4 % повеќе разводи од минатата година, економската состојба и желбата за слобода, главни причини?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на разводи во Македонија од година во година бележи пораст, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во 2023 бројот е зголемен за 9.4% во споредба со претходната година, кога имало 1.765 разводи.

Зошто и како еден брачен пар може да ги надмине овие предизвици за да не дојде до развод. Излеговме и ги прашавме повозрасните, генерација за која разводот беше последното решение. Еден граѓанин смета дека една од најчестите причини е економската состојба.

-Се венчаат многу млади и ја немаат потребната свест за семејство и тоа ги тера да се разделат, имаат по 2-3 деца, со што да ги чуваат, потоа се разделуваат поради децата, млади се земаат, на 18-20 годишна возраст малку е проблем да се венчаш-вели граѓанин.

Ни раскажа и дека единствената кавга со жена му била за вкусот на храната.

-Некогаш ако не ми се допаѓала храната , ако била посолена или помрсна и и имам речено. Инаку вака други проблеми, не“.

Еден друг граѓанин ни одговори накусо дека главната причина за развод е финансиската состојба.

-Немаат пари.

Социологот Али Пајазити вели дека главните причини за развод е желбата за слобода и никој да не им се меша во животот.

-Модерниот живот го донесе тој личен товар и секој човек сака да биде индивидуа, да има сопствен простор и никој да не му се меша во животот. Финансиската состојба која ни претставува товар и многуте економски барања и во тој правец често не можеме да ги оствариме нашите соништа и потоа си ја префрламе вината еден на друг, како другиот да е виновен за ваквата економска состојба и неможноста да фатиме ритам , и се создава амбиент на нетрпеливост, нетолеранција“, рече Пајазити.

Доколку се погледнат разводите според возраста на паровите, статистиките покажуваат дека најголем број разводи се случуваат во групата од 35 до 39 години, од кои 310 или 17.6% се жени и 295 или 17.6% мажи. Според времетраењето на бракот, повеќето разводи, 393 или 22.3% се случиле меѓу 5 и 9 година од бракот.