„АА-ААА“ ја коментираат коалицијата СДСМ-БЕСА; Села: Погрешно, не им носи добро на Албанците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Освен ДУИ, коалицијата СДСМ- Беса неприфатлива и за Алијанса за Албанците. Нивниот претседател Зијадин Села ја нарече политичка авантура која не им носи ништо добро на Албанците и решавањето на нивните проблеми. Албанскиот глас, според него, треба да оди кај албанските партии.

„Ваква коалиција е погрешна. Таква коалиција не го максимализира албанскиот глас, напротив, создава предуслови во иднина некој да добие право немајќи ниту политичка партија туку само албански експоненти во влада, да добие право да го прекрши тоа начело создадено во 90-те – дека постизборните коалиции во Македонија се прават меѓу македонски  и албански политички субјект. Ова начело треба да се сочува.“, рече Села.

Коментирајќи ја реакцијата на ДУИ, Села рече дека претходниот “сојуз“ ДУИ – СДСМ сега е против новиот сојуз СДСМ-  Беса. Предизиборните партнери АА, Алтернатива, ја обвинуваат Беса дека со СДСМ се договориле пред да почнат обидите за тројната коалиција  АА – Беса – Алтернатива.

„Вчера се потврди и причината зошто тие како субјект не беа дел од овој договор, дури имаа претходен таен договор со СДСМ и тоа, ние од Алтернатива го знаевме многу порано. По завршување на изборите, коалицијата Алтернатива – АА, како унифицирана ќе влезе во преговори само со мандатарот на идната влада, додека, по завршувањето на преговорите во врска со владината програма, тогаш ќе разговараме и за другите услови околу одредени личности од кој било друг субјект. “, рече Скендер Реџепи Зејди.

И Зијадин Села на прашањето дали ја чувствува загрозена коалицијата АА – Алтернатива доколку во другиот блок победи коалицијата СДСМ – Беса, рече дека оваа работа е во раце на Албанците а не на партиите.

Од друга страна, Заев и Касами веќе изјавија дека во нивната коалиција би примиле и други партии кои нема да прават уцени и кои би ги прифатиле нивните начела.