АА-ААА: Пратеник на ДУИ заработил милиони, Јаховски: Нема ништо спорно, немам функција во таа компанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива обвинува дека Владата СДСМ-ДУИ мести тендери за компанијата „Пуцко Петрол“ која ги снабдува државните институции со горива. Од општина Тетово, компанијата земала над 22, а од Чаир – 15 милиони денари.

„Поврзаноста на политиката и олигарсите изгледа многу јасна. Пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, чиј син е сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“ од јануари 2020 година со тендери за набавка на нафта и гориво заработил над 31 милион евра од разни централни и локални институции, од кои над 2 милиони евра само од општините со кои раководи ДУИ“, посочи Омер Ајдини од Алијанса за Албанците-Алтернатива.

Но, во јавните набавки може да се види дека оваа компанија добила тендери и од општина Гостивар со која раководи градоначалник на Алијанса за Албанците.


ТВ21 побара став од пратеникот Јахоски. Тој ги отфрли обвинувањата од опозициската партија. Вели дека нема никаква функција во компанијата Пуцко Петрол.


„Немам никаква функција во компанијата „Пуцко Петрол“. Оваа компанија ги снабдува со гориво сите државни институции без разлика од која партија се раководени. Ги демантирам сите обвинувања за моја поврзаност со компанијата и добивањето тендери од институциите“, истакна Исмаил Јаховски, пратеник од ДУИ.


Инаку коалицијата Алијанса/Алтернатива најави дека следниве денови ќе достави претставка до Антикорупциска како и до Обвинителство, за да го истражат добивањето тендери на компанијата Пуцко Петрол во речиси сите државни институции.