На владина седница се разрешени двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците. Од друга страна, пак, Кадровската комисија на АА одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и на министерот за здравство, Фатмир Меџити. Засега не се знае како ќе постапи техничкиот премиер, бидејќи до ова информативно издание не добивме одговор од Владата за ова прашање. Во соопштението на АА во врска со одлуката за разрешување, пишува дека двајцата министри вршат дејствија кои се косат со Етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и кокетирањето со ВМРО-ДПМНЕ. Според министрите Меџити и Алиу, кои се на страната на Таравари, оваа одлука доставена до Влада не е легитимна.
Алиу вели дека и други директори од редовите на АА добиле закани за разрешување доколку не преминат на другата страна, односно на страната на Села. Алиу додава дека ова го прави ДУИ во Алијанса.
Азир Алиу: Сакам само да ве информирам дека штотуку добивме сознание дека има голем притисок врз нашите директори. Им се вели – доколку до утре не се свртите на наша страна, ќе бидете разрешени, како што денеска беа разрешени овие двајца директори.
-Од кого?
Азир Алиу: Не знам од кого. Од страна на ДУИ во Алијанса. Се добива впечаток дека еден дел се обединиле со ДУИ поради лични интереси, за да извршат притисок на оваа фаза, која навистина е многу критична и важна за процесите во државата и за нас како партија.
Првиот човек на АА, Таравари вели дека ова се игри на ДУИ.
„Игра на ДУИ со неколкумина наши членови кои се доближија до ДУИ“, вели Арбен Таравари.
Министерот Меџити вели дека партиските печати и мнозинството гласови на членовите на Собранието се кај Таравари.
„Всушност Алијанса за Албанците е една и единствена. АА има свои органи и има еден легитимен човек, а тоа е претседателот на партијата, Арбен Таравари. Се разбира дека печатите на партијата се кај претседателот, мнозинството потписи на членовите на Собранието се за Арбен Таравари“, додава Фатмир Меџити.
Доколку техничкиот премиер, Џафери го проследи до Собрание барањето на АА за разрешување на двајцата министри, тогаш за истото да помине треба да гласаат 61 пратеник.
