AA го обвинува директорот на „26 јули“ – „непотребна инвестиција за злоупотреба на буџетот“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците го обвинува директорот на ОУ „26 Јули“ – Шуто Оризари, Дритон Ганиу за злоупотреба на буџетот. Според нив, во реновирањето на ова училиште се инвестира непотребно.

Како што велат од оваа партија, училиштето било реновирано пред 2-3 години и додаваат дека директорот не ги исполнува условите да биде директор.

„Директорот на ова училиште, кој е брат на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, по назначувањето на незаконски начин по диктат на министерот за образование, продолжува со злоупотреба на буџетот на училиштето. Од неодамна без да има потреба почна со градење на ограда на училиштето, а училиштето има метални огради изградени пред две години. Истиот директор почна и со поставување фасада на училиштето, но и оваа инвестиција е направена неодамна, односно фасадата е целосно нова“, вели Астрит Азири.

Директорот Дритон Ганиу, пак,  оценува дека ова реновирање е неопходно бидејќи, како што вели, фасадата е стара 13 години.

„Тоа е како реновирање на училиштето. Не е вистина дека фасадата е сменета пред неколку години, туку пред повеќе од 12-13, или 15 години. Во однос на оградата како што гледате, ограда нема од страна, па поради тоа за да не ставаме нова ограда од страни што не се гледа многу, ја поставивме пред училиштето“, вели Дритон Ганиу.

Од Алијанса за Албанците го обвинуваат Ганиу и за неговиот скап автомобил, а како што велат од партијата, другите наставници едвај преживуваат. Но, директорот Ганиу се правда дека има сопствен бизнис за автомобили и истакнува дека тоа нема никаква врска со неговата директорска функција.