АА ја разгледува можноста дали вреди да влезе во Влада – Таравари: Да се формира комисијата која ќе го разгледува прашањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кога поранешниот премиер Заев сакаше да им го одземе Министерството за здравство и да им даде министерство без ресор т.н. за реформи, Алијанса за Албанците во 2017 година ја напушти Владата велејќи дека не сакаат да раководат со „министерство за бурек“.

„Му дадов предлог на премиерот да направи вицепремиерско место за носење бурек на министрите. И тоа место со огромно задоволство ќе ѝ го предложам на ДУИ“, вели Зијадин Села.

Сега, 5 години подоцна, на политичката сцена повторно се врати темата за влез на АА во Влада, но овојпат со цел да се зајакне мнозинството за Македонија да не наиде на пречки на патот кон ЕУ. Иако се шпекулираше дека Алијанса добила неколку понуди, првиот човек партијата, Арбен Таравари ги отфрли гласините, уверувајќи дека нема никаков конкретен предлог од мандатарот, Димитар Ковачевски.

„Имаше канали за комуникација, имаше неформални разговори, односно ништо не беше формално. Немаме поделено ниту министерства, ниту управи, сега за сега“, вели Арбен Таравари.

Иако сѐ уште нема конкретна понуда, Централното собрание на АА го овласти раководството да продолжи со преговорите со Владата и да донесе конечна одлука за приклучување кон мнозинството. Оваа одлука уследи откако Таравари денеска ги изнесе фактите и аргументи. По добивањето зелено светло, раководството на АА ќе формира преговарачки тим кој ќе комуницира со Владата.

„Ќе видиме сега во партија, во Централното раководство ќе формираме комисија која ќе биде овластена и ќе преговара за конкретни прашања – дали вреди или не“, додава Арбен Таравари.

Пред да биде донесена каква било одлука, Таравари вели дека за него опозиционерството е далеку подобро, но додава дека има работи кои не можат да се изнесат јавно.

„Во опозиција сум 7 години, освен 3-4 месеци кога бев министер. За мене опозиционерството е многу полесно и многу подобро. Да беше лично како Арбен Таравари немаше ни да дискутирам, но сепак има одредени констелации кои не можат јавно да се изнесат“, вели Арбен Таравари.

Таравари вчера се сретна со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, каде меѓу другото станало збор и за можноста од проширување на парламентарното мнозинство. Доколку не се обезбедат бројките за уставните измени, вели Таравари, не вреди да има проширување на парламентарното мнозинство.