Околу два милиони евра биле повлечени од „Алта банка“ АД Битола заклучно со вчерашниот ден, соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на вонредна прес-конференција. Средствата биле повлечени во готовина и преку банкарски трансфери.
Поради случувањата со „Алта банка“ во Србија, каде што е одземена дозволата за работа, Народната банка донесе одлука за воведување привремена администрација во банката во Битола.
Со новите мерки, граѓаните ќе можат да користат најмногу 10.000 денари неделно од своите сметки преку платежните картички, додека интерните трансакции меѓу сметки во банката остануваат без ограничување.
Славески информираше дека по привремената суспензија, картичните услуги биле повторно воспоставени денеска напладне.
Гувернерот уверува дека „Алта банка“ АД Битола е ликвидна, добро капитализирана и ги исполнува супервизорските стандарди. Според него, ограничувањата се привремени и имаат цел да ги заштитат средствата на банката и интересите на штедачите.
Банката продолжува со работа, а кредитокорисниците и понатаму треба редовно да ги исполнуваат своите обврски.
