АА: Настава на албански во „Његош“ и по шесто одделение – Јаневска ветува дополнителни училници во училиштето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијансата за Албанците бара во основното училиште „Његош“ во Идризово да се овозможи настава на албански јазик и од шесто до деветто одделение. Според нив, во моментов учениците Албанци можат да учат на албански јазик само до петто одделение, а потоа се принудени да го продолжат образованието во други општини. АA бара од Министерството за образование и од Владата веднаш да интервенираат, при што го критикува и ВЛЕН поради нерешавањето на ова прашање.

„Во основното училиште ‘Његош’, учениците Албанци можат да ја следат наставата на албански јазик само до петто одделение. Од шесто до деветто одделение, тие се принудени да го продолжат образованието во други општини, само за да можат да учат на својот јазик. Неприфатливо е во 2026 година албанските деца сè уште да се соочуваат со вакви пречки.“, порача Валон Јахи.

Прашана за ова, министерката за образование, Весна Јаневска, рече дека училиштето е вклучено во списокот на училишта каде што ќе се градат дополнителни училници. Таа посочи дека работите се очекува да започнат во ноември или напролет, притоа негирајќи дека станува збор за политичка одлука.

„Не сум сигурна дали тоа ќе биде од ноември или напролет, но и таму ќе се изградат училници. Значи, не станува збор за некакво политичко решение, како што се остава да се разбере, и токму за тоа зборувам. Штета е за сите кога не одговараме соодветно на одредени проблеми кои постојат во земјата. Но, најмногу е штета за оние кај кои тоа предизвикува некаква загриженост. И во тоа училиште ќе изградиме училници и се надевам дека ќе го решиме и тој проблем.“, вели Весна Јаневска.

Училиштето „Његош“ со години се соочува со барања за решавање на прашањето со наставата на албански јазик. Во 2019 година прашањето стигна до Владата, додека во 2023 година беше одобрено отворањето на паралелка на албански јазик за шесто одделение.