Апелациониот суд во Гостивар одлучи да го врати на повторно судење предметот за тоа кому му припаѓа Алијанса за Албанците. Првично, Основниот суд во Тетово одлучи оваа партија да му припадне на крилото на Зијадин Села, но незадоволната страна, во случајов крилото на Таравари, го испрати предметот во Апелација. Соопштувајќи ја веста за повторното судење, пратеникот на АА – крилото на Таравари, Ријад Шаќири, вели дека всушност партијата е само на членството и на ниту еден поединец.
Но пратеникот Елми Азири од АА, крилото на Села, вели дека оваа одлука не значи дека партијата ќе му припадне на крилото на Таравари. Тоа објаснува дека постапката едноставно се враќа на повторно судење. Секоја друга изјава, вели, се дава со намера да се дефокусира јавноста од скандалите на Владата.
Ова го потврдуваат и од Апелациониот суд во Гостивар. Во телефонски разговор оттаму ни рекоа дека не се надлежни да одлучуваат кому му припаѓа политичкиот субјект, туку само решиле да го вратат предметот на повторно судење.
И оправдувајќи ја одлуката на Апелација, Ријад Шаќири од страната на Таравари вели дека на нивна страна се мнозинството од централното собрание, генералниот конгрес и централното претседателство.
„70% од Централното собрание на нашата партија, се потписите депонирани во Судот. 70% од централното раководство е составен дел на оваа структура и 70% од генералниот партиски конгрес се составен дел на оваа политичка организација. Поради тоа, Апелациониот суд донесе одлука согласно овие материјални докази кои се заверени на нотар и депонирани во Судот“, вели Ријад Шаќири.
Со ова не се согласува Елми Азири.
„Убедени сме дека најголем дел од делегатите, членовите на конгресот, членовите на Централното собрание на партиската структура се дел од Алијансата за Албанците каде што сме. Сега го чекаме враќањето, уште еднаш по притисоците што беа направени до Апелациониот суд, предметот се врати во Основниот суд Тетово. Очекуваме дека Основниот суд Тетово уште еднаш ќе ја верификува својата прелиминарна одлука“, вели Елми Азири.
Инаку, Основниот суд во Тетово, во април 2024 година, одлучи печатите на партијата да му припаѓаат на крилото на Зијадин Села, а истиот беше избран за претседател на партијата од раководството на партијата. Од оваа причина, страната на Таравари тогаш се пожали дека одлуката е донесена без рочиште и дека се сменети пет различни судии до конечната одлука.
