Премиерот на Црна Гора во заминување, Дритан Абазовиќ во интервју за ТВ21 на Преспа Форумот за дијалог истакна дека постојано се разговара за регионална соработка на сите држави на Западен Балкан, но истовремено сакаме и да подбуцнуваме.
„Не можам да сфатам како постојано зборуваме за регионална соработка и за потребата од поголема соработка на сите држави на Западен Балкан, а истовремено сакаме, како што би рекол народот, да подбуцнуваме за да дојде до политичко заладување со одредени држави. Зошто го правиме тоа? Треба да бидеме посветени на дијалогот, на соработката. Да ги унапредуваме меѓусебните односи, а не да ги ладиме. Кој е на власт во некоја држава не треба да ја засега Црна Гора. Кој е на власт во Северна Македонија не треба да ги засега Црногорците. Ниту кој е на власт во Србија, во Косово или во Босна и Херцеговина. Исто така не треба да ги засега ни Македонците кој е на власт во Црна Гора. Заеднички интерес ни е да имаме што подобри односи. Затоа ова го сметам за една несериозна пропаганда која прилично ослабе во изминатиов период и мислам дека граѓаните на Црна Гора веќе не ѝ придаваат важност“, порача Абазовиќ.
