Мртво бебе на возраст од околу осум до девет месеци било пронајдено во стан во центарот на Атина, сместено во сад и скриено во куфер. Обдукцијата покажала дека бебето било убиено со најмалку десет убоди со нож во пределот на грбот.
Полицијата го открила случајот доцна синоќа при проверка на станот, откако сопственикот пријавил дека станарите не му платиле кирија и дека најверојатно користат дрога.
Во станот биле пронајдени шест лица – тројца возрасни и три малолетни деца, меѓу кои 15-годишно бремено девојче. Тројцата возрасни се уапсени, а децата се пренесени во болница на прегледи.
Грчките медиуми објавуваат дека 38-годишната Германка изјавила оти бебето било нејзино и починало пред неколку месеци. Сепак, истрагата треба да утврди кога точно било убиено и кој е одговорен за смртта.
Случајот предизвика голем шок во грчката јавност, а истрагата продолжува.
