Премиерот на Црна Гора во заминување, Дритан Абазовиќ во интервју за ТВ21 на Преспа Форумот за дијалог истакна дека Црна Гора е земја во која во овој момент има најголем број на Украинци по глава во Европа.
„Црна Гора е земја во која во овој момент има најголем број на Украинци по глава во Европа, 5 % од вкупното население. Црна Гора првпат во 2022 година заврши со 5,8 милијарди евра БДП, кој никогаш не бил повисок од 5 милијарди. Покажа дека е кредибилен партнер на НАТО и кредибилен партнер во ЕУ“, вели Абазовиќ..
Тој додава дека нивните резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата се многу поголеми од кога било на Балканот, меѓу кои и сузбивањето на наркокартелите и шверцерите на цигари.
„Затоа мислам дека во однос на тоа нема да има промени. Има различни интерпретации. Црна Гора, што е најважно, пензионираше луѓе кои биле по 30 години на власт и не успеале да постигнат позначајни резултати. Доби потполно нова конфигурација на државниот парламент, со многу нови лица, со многу помлади луѓе. Ќе видиме како тоа ќе се рефлектира врз претстојните случувања, но за Црна Гора нема никаков проблем на патот кон Европа и мислам дека тоа е најважната работа во целиот процес за да станеме првата следна членка на Европската Унија“, вели Абазовиќ.
