Над 623 милиони денари за боледувања: Најголем дел од средствата за породилни отсуства

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 623 милиони денари исплатил Фондот за здравствено осигурување во текот на август по основ на надоместок на плата за привремена спреченост за работа. Најголем дел од средствата, односно над 414 милиони денари, биле исплатени за породилни отсуства.

Од ФЗО информираат дека вкупната августовска исплата изнесува 623.150.780 денари, од кои 414.050.780 денари се однесуваат на породилни надоместоци.

Од Фондот велат дека ваквата реализација е постигната преку засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства, со цел надоместоците кон осигурениците да се исплаќаат редовно и со стабилна динамика.

При обработката на барањата бил следен хронолошкиот редослед, со приоритет на предметите со постар датум. Според ФЗО, ова овозможило исплатите за боледувања, а особено за породилните отсуства, да се реализираат тековно.

„Со внимателно планирање и ефикасно управување со средствата во август беа обезбедени над 414 милиони денари само за породилни надоместоци, без притоа да се наруши редовното намирување на другите финансиски обврски на Фондот“, соопштија од ФЗО.

Од Фондот најавуваат дека ваквата динамика ќе продолжи и во наредниот период, при што редовната исплата на боледувањата и породилните надоместоци останува еден од приоритетите.

Целта, како што наведуваат од ФЗО, е да се скрати времето за обработка на предметите и да се обезбеди поголема сигурност за осигурениците, паралелно со одржувањето на финансиската стабилност и непреченото исполнување на останатите обврски кон здравствениот систем.