Муцунски: Проширувањето на ЕУ мора да биде стратешка одлука, а не бирократски процес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската интеграција на Западен Балкан не треба да значи промена на идентитетите, туку трансформација и зајакнување на институциите, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Бледскиот стратешки форум.

Муцунски учествуваше на министерската сесија посветена на геополитичките промени, безбедноста, транспортните коридори и европското проширување, при што се осврна на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Централна и Југоисточна Европа.

Во своето обраќање тој ја истакна важноста на членството во НАТО, особено во делот на размената на информации, заедничките политики за отпорност и одвраќање. Сепак, предупреди дека безбедносните ризици во регионот остануваат, посочувајќи ги руската агресија врз Украина, активностите и влијанието на Кина и Иран, како и сајбер-заканите и обидите за економска принуда.

Значаен дел од дискусијата бил посветен и на транспортната и енергетската инфраструктура, со посебен фокус на Коридорите VIII и X. Муцунски истакна дека Северна Македонија е единствената земја во регионот низ која минуваат двата коридора.

„Нашата отпорност е силна онолку колку што е силна нашата инфраструктура“, порача Муцунски, нагласувајќи дека поврзаноста има директно значење за економската, политичката и безбедносната стабилност на регионот.

Според него, инвестициите во инфраструктурата мора да бидат проследени и со јасна политичка посветеност на процесот на проширување на Европската Унија.

Муцунски оцени дека доколку ЕУ сака да настапува со геополитичка визија, проширувањето не може да се третира исклучиво како бирократски процес. Тој порача дека за земјите кандидати кои бележат напредок и се усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, резултатите треба да бидат видливи.

Тој се повика и на претходните проширувања на ЕУ, посочувајќи дека тие не биле само резултат на исполнување на критериумите, туку и на политичка волја и стратешка проценка дека проширувањето е во интерес на Европа.

Како можна пресвртница, Муцунски го посочи членството на повеќе земји од регионот во Европската Унија, оценувајќи дека тоа би покажало дека најавуваниот „моментум“ и „прозорец на можности“ навистина се преточени во конкретна политика.

Во тој контекст, тој ги поздрави сигналите од Брисел за можен нов пристап кон политиката на проширување, прилагоден на актуелната геополитичка реалност.

„Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети“, порача Муцунски.

На форумот тој ја истакна и Словенија како позитивен пример, заедно со Хрватска, нагласувајќи дека двете земји, и покрај предизвиците од минатото, денес имаат силни односи и можат да бидат пример и поддршка за земјите од Западен Балкан во унапредувањето на регионалната соработка и стратешката отпорност.