Роден во Улцињ, Црна Гора, Дритан Абазовиќ е политичарот кој ги скрши табуата – дека еден Албанец може да биде на висока позиција во земјата во која е роден и живее.
Тој сега е вицепремиер во Владата на Црна Гора. Гласовите на неговата партија беа одлучувачки за формирањето на црногорската Влада, и по 30 години, Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ си замина од власт.
Дритан Абазовиќ ја посети нашата земја на покана на неговиот колега задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. Покрај разните теми од областа на економијата, двајцата вицепремиери разговараа и за процесот на Мини Шенген. Абазовиќ рече дека и покрај Мини Шенгенот, сепак приоритет на сите држави треба да биде пристапувањето во ЕУ.
„Ние не побаравме замена за евро-интеграциите, приоритет на сите земји треба да биде членството во ЕУ. Во овој момент сметаме дека сѐ додека сите држави ги завршиме сите обврски, да се види моделот како може регионалната соработка да биде поцврста и поуспешна и да даде конкретни резултати во овие држави. Целиот разговор беше во врска со регионалната соработка. Верувам дека има многу сектори кои можат да се подобрат“, истакна Дритан Абазовиќ.
Битиќи и Абазовиќ оценија дека иднината на Западен Балкан стои токму во економската соработка.
„Зборувавме и се договоривме во следниот период да преземеме јасни чекори во врска со креирањето или операционализацијата на тоа што го напишавме во месец ноември за време на Берлинскиот процес на формирање на заеднички пазар. Зборувавме за активностите што треба да ги преземат двете влади во пост-ковид периодот кој не’ очекува за развој на тоа што јас го нарекувам регионална конкурентност наспроти регионалната конкуренција која мислам дека е основа за стабилен развој на Западен Балкан“, посочи Фатмир Битиќи.
За време на посетата, Абазовиќ се сретна и со собранискиот спикер, Талат Џафери, со првиот вицепремиер, Артан Груби, како и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
