Генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми, синоќа во „Клик Плус“ изјави дека неговата партија останува на ставот за предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што вели, легитимитетот на републичко ниво припаѓа на ДУИ. Според Адеми, актуелната состојба, со обиди и напади врз Охридскиот рамковен договор, е резултат токму на владеење без легитимитет.
„Вие знаете дека и по првиот круг од локалните избори рековме дека остануваме на нашето барање за предвремени парламентарни избори, затоа што на републичко ниво легитимитетот е кај ДУИ. Денес, со овие обиди и напади врз Охридскиот договор, се наоѓаме во ваква состојба токму затоа што имаме власт без легитимитет“, вели Арбер Адеми.
Сепак, Адеми нагласи дека пред одржувањето на предвремените парламентарни избори мора да се решат две клучни прашања: Владата со двојно мнозинство и усвојувањето на актите во Уставниот суд со истиот механизам. Според него, доколку постои политичка волја, овие прашања може брзо да се решат и да се отвори патот кон предвремени избори.
„Владата со двојно мнозинство и усвојувањето на актите во Уставниот суд со двојно мнозинство се, според нас, приоритет поважен од самите предвремени избори. Но, ако има политичка волја, овие две прашања можат да се решат во текот на еден ден и веднаш потоа да се оди на предвремени парламентарни избори. Затоа, приоритет е спроведувањето на овие две прашања, а ние остануваме на ставот да се оди на предвремени парламентарни избори, откако тие ќе се решат, па потоа да се гледа понатаму“, вели Арбер Адеми.
На прашањето дали ДУИ, доколку победи на предвремените парламентарни избори, би направила коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за да ја формира Владата, Арбер Адеми истакна дека тоа не е клучното прашање. За него, поважно е начинот на кој ќе се формира Владата, дали ќе се почитува легитимитетот на победникот и дали Владата ќе функционира со соодветно мнозинство.
