Нема да има нови преговори ниту за Преспанскиот договор, ниту за тој со Бугарија и тие се завршена работа, порача американската амбасадорка Анџела Агелер во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Таа ова го изјави откако изминатиов период има низа реакции од страна на Грција за непочитување на Договорот, а властите во Бугарија изјавија дека се против нови преговори, откако новата Влада на чело со Мицкоски изрази подготвеност да репреговара.
„Да бидам многу јасна. Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но, тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната Влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Тие договори се направени. Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно“, вели Анџела Агелер.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на излагањето на Форумот во Дубровник истакна дека и покрај тоа што нашата земја е сведок на билатерализација на евроинтегративниот процес, е проевропска и останува фокусирана на процесот на европската интеграција.
„Нашата нација е нација на граѓани кои многу пати имаат видено двојни стандарди кои доаѓаат од европските институции, но секогаш останала фундаментално проевропска. Верувајќи дури и тогаш кога многу пати била разочарана од Европската унија, таа и натаму е нација без сомнение во големо мнозинство кое бара Владата да оди напред кон европската агенда, бидејќи нема подобар пат од тоа да станеме полноправната членка на ЕУ“, вели Тимчо Муцунски.
Муцунски на Дубровник форумот имаше средба и со помошникот државен секретар на САД за Европа Џим О Брајан кој потоа на социјалните мрежи напиша дека Соединетите Американски Држави очекуваат соработка со новата влада.
„САД со нетрпение очекуваат да соработуваат со вашата нова Влада за унапредување на регионалната соработка на Западен Балкан и да ја видат Северна Македонија да продолжи да напредува на својот пат кон евроатлантските интеграции“, вели Џим О’Брајан.
Инаку, премиерот Мицкоски во однос на употребата на уставното име најави дека тоа ќе го користи во официјална комуникација, но не и за домашна употреба.
