Откриена најголемата нелегална фабрика за цигари во Словенија, запленети производи вредни 30 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Работници кои, според нивните искази, со недели не ја виделе дневната светлина биле пронајдени во нелегална фабрика за цигари во Словенија, каде што вредноста на запленетата стока се проценува на околу 30 милиони евра. Случајот отвори истрага не само за нелегално производство, туку и за сомневање за трговија со луѓе.

Фабриката била откриена во индустриската зона Тримлини, во близина на Лендава, во хала недалеку од граничниот премин Петишовци. Според словенечкиот весник „Словенске новице“, истрагата започнала откако службеници на Финансиската управа запреле камион на патот меѓу Лендава и Петишовци.

Првичните процени покажуваат дека вредноста на запленетите производи изнесува околу 30 милиони евра, што ја прави акцијата една од поголемите заплени од ваков вид во Европската Унија во последниот период.

Покрај нелегалното производство на цигари, во објектот биле откриени и тешки услови во кои наводно престојувале работници. Според неофицијални информации објавени од словенечкиот медиум, во фабриката живееле и работеле најмалку 20 странски државјани, за кои се наведува дека биле од Парагвај.

Работниците наводно им кажале на истражителите дека биле заклучени во фабриката и дека најмалку 25 дена не ја виделе дневната светлина. Тие спиеле во халата, а храната, според нивните искази, им била доставувана само во вечерните часови.

Словенечката полиција потврди дека, покрај нелегалното производство на цигари, го истражува и сомневањето за трговија со луѓе. Истражителите проверуваат и дали групата што ја организирала работата на фабриката била поврзана со меѓународни криминални мрежи.

Истрагата треба да ги утврди сите околности околу функционирањето на фабриката, потеклото на запленетата стока и евентуалната вмешаност на организирана криминална група.