Американската амбасадорка во Северна Македонија, Ангела Агелер, е убедена дека процесот во кој Бехтел е вклучен во изградбата на коридорите 8 и 10д е целосно транспарентен и легален, бидејќи, како што вели, на овој начин работи оваа компанија, инаку немаше да има проекти никаде во светот и некои во регионот на Западен Балкан. Амбасадорката ова го изјави во интервју за МИА, во време кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ со недели ја обвинува власта за најголемиот „криминален проект“ што Македонија го видела и дека европското знаме се злоупотребува за носење закони.
„Сметам дека мошне е разочарувачки тоа што тие во опозицијата критизираат без сите факти или критизираат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата, да тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски, бидејќи тие работат на тој начин, инаку не би имале проекти насекаде во светот и одреден број тука во регионот на Западен Балкан, ако не беа доверлива компанија и граѓаните на оваа земја ќе бидат мошне среќни да ги имаат коридорите 8 и 10 д, кога ќе бидат комплетирани.“, рече Агелер.
По овие зборови на амбасадорката, на прес-конференција излезе опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која порачаа дека не се против зборовите на амбасадорката Агелер дека треба да се заштити националниот интерес, туку според нив, владата на СДСМ и ДУИ го прават спротивното со плаќање пенали пред да почнат работите.
Инаку, изградбата на двата автопати од коридорите 8 и 10д се очекува да чини 1,3 милијарди евра, но оваа бројка може да се зголеми доколку на тој пат се појават непредвидени работи и трошоци.
