Швајцарија го имаше најтоплото лето откако се вршат мерењата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Швајцарија го регистрираше најтоплото лето откако се вршат мерењата во земјата, со национална просечна температура од 17,2 степени Целзиусови, соопшти денеска швајцарската Федерална канцеларија за метеорологија и климатологија, позната како „МетеоСвис“.

Просечната температура во периодот од јуни до август била за 0,4 степени Целзиусови повисока од претходниот рекорд поставен во 2003 година, како и за 3,4 степени над просекот од референтниот период 1991–2020 година. Особено погодена била северозападна Швајцарија, каде што просечните температури биле дури за четири степени повисоки од стандардниот просек.

Дури 30 мерни станици на „МетеоСвис“ регистрираа нови летни температурни рекорди, а речиси половина од нив беа измерени уште во текот на јуни. На мерната станица Базел-Бининген на 30 јули беа измерени 39,7 степени Целзиусови, со што се изедначи рекордот за највисока температура измерена северно од Алпите, кој претходно беше регистриран на станицата Женева-Коинтрин на 7 јули 2015 година.

Во текот на ова лето значително се зголеми и бројот на топли денови и тропски ноќи. На неколку мерни станици беа регистрирани речиси две дополнителни недели топли денови во споредба со нивните претходни рекорди, при што во Нешател и во Гларус се измерени по 18 дополнителни такви денови. Дополнително, според податоците на „МетеоСвис“, во Швајцарија беа регистрирани 50 тропски ноќи — ноќи во кои температурата не се спушта под 20 степени Целзиусови — што е за осум повеќе во споредба со рекордната 2003 година.