Најмалку 24 ученици загинаа додека бегаа од пожар во Конго

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според извештаите, најмалку 24 ученици ги загубија животите во пожар што денеска зафати две училишта во Букаву, град во источниот дел на Демократска Република Конго. Според локалните власти, учениците настрадале во стампедо додека бегале од огнената стихија, пренесува Би-Би-Си.

Пожарот претходно се проширил низ густо населен дел на Букаву, зафаќајќи две училишта и околу 300 домови. Се верува дека меѓу повредените има и возрасни лица.

Преживеаните се пренесени во блиските болници. Причината за пожарот засега е непозната. Еден сведок изјавил за Ројтерс дека пожарот бил изгаснат до попладневните часови, иако чад сè уште се издигал од урнатините и остатоците од покривите од брановит лим.

Букаву, главниот град на провинцијата Јужен Киву во источниот дел на ДР Конго, од февруари минатата година е под контрола на бунтовничката група М23 – за која ОН и западните влади тврдат дека е поддржана од Руанда. По заземањето на градот, бунтовниците таму воспоставиле сопствена управа, додека централната влада на ДР Конго продолжува да функционира од Киншаса и нема контрола врз Букаву.

Во меѓувреме, владата во Киншаса објави соопштение на платформата „Икс“ (X), но не го прецизираше бројот на жртвите. „Министерството за национално образование и ново граѓанство изразува длабока тага поради смртоносниот пожар“, се вели во објавата. „Изгубени се повеќе животи, а многу луѓе се повредени; бројките за жртвите се сè уште привремени. Министерот изрази сочувство, ја потврди солидарноста со семејствата и нареди проценка на оштетените училишта за да се овозможи продолжување на наставата“, се додава во соопштението. Оваа трагедија се случи кратко по сличен пожар минатиот викенд во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго, каде што луѓе загинаа во стампедо на место каде што се одржувала свадба. По тој инцидент, владата нареди спроведување строги безбедносни мерки и распореди тимови низ земјата за да ја проверат усогласеноста со стандардите на местата за јавни собири.