Агелер за американската „црна листа“: Следните месеци ќе видиме едно или две имиња

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, зборувајќи за американската „црна листа“, рече дека  не е само една листа, туку има неколку што се составуваат во Вашингтон. Корупцијата се случува секој ден и во различни форми, затоа процесот бара внимателно истражување и составување, рече Агелер, предупредувајќи дека во следните месеци ќе се појават едно или две имиња на лица од Северна Македонија.

„Потребно е истражување за да се увериме дека не ставаме некого на листа што не припаѓа таму. Тоа е нешто што се менува и придвижува, мислам дека во наредните месеци ќе видиме едно или две имиња и ова ќе биде тековен процес. Не застанува, затоа е континуирано дури и во Вашингтон“, вели Анџела Агелер.

За американските санкции кои ќе се применуваат за оние кои ќе се најдат на црната листа, Агелер рече дека ќе има различни видови санкции.

 „Постојат неколку видови санкции што ги поставуваат САД. Некои се финансиски и според она што го гледам може да бидат особено ефикасни, додека некои се поврзани со визи и други правни механизми“, додава Анџела Агелер.

Амбасадорката Агелер најави дека Вашингтон ги разгледува сите можни формулации за санкции и едно лице на црната листа може да биде во неколку категории.