Ахмети ги покани на маса албанските партии – Заев: Ова е притисок од ДУИ за позицијата премиер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги покани на средба четворицата претседатели на албанските парламентарни партии, на Алтернатива, Африм Гаши, на Движење Беса, Биљал Касами, на АА, Зијадин Села и на ДПА, Мендух Тачи.

Ахмети заедничката маса ја повикува за на 13 август, на годишнината од Рамковниот договор. Во соопштението до медиумите не се откриваат детали за што ќе се зборува на оваа средба. За ТВ21 портпаролот на ДУИ, Бујар Османи рече дека ќе се зборува за прашањето за премиер Албанец.

„Ќе се разговара за важни државни национални теми кои бараат заеднички став на парламентарните албански партии на власт и тие во опозиција како што се изборот на г. Зибери за премиер како неполитички албански кандидат поддржан од ДУИ, за Рамковниот договор, за Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, преговорите со ЕУ кои бараат вметнување на цел политички спектар во Парламентот за усвојување на законите во функција на усогласување со ЕУ“, вели Бујар Османи.

Оваа покана на Ахмети албанските лидери следи откако лидерот на Интегративците и официјално ги започна преговорите за формирање влада со лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој ја предводи коалицијата Можеме, чиј дел е и Движење Беса. Заев за ТВ21 рече дека повикот на Ахмети за заедничка маса го гледа како притисок врз него и коалицијата.

ТВ21:Дали ова го гледате како притисок за идејата за премиер Албанец и дали доколку има било каков договор меѓу овие партии, би влијаело во формирањето на вашето мнозинство?

 Заев: Да, го гледам ова како притисок врз мене, СДСМ и коалицијата Можеме, за премиер по предлог на ДУИ. А за второто прашање  е прерано да кажам било каков коментар.

Од Движење Беса партнер на коалицијата Можеме, велат дека ја добиле поканата, а одлука за учество се уште немаат. Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа за ТВ21 рече дека “утре ќе имаат состанок на Централното раководство и потоа ќе имаат соопштение до медиумите.

Сега за сега без став се и коалиционите партнери Сега е време, АА и Алтернатва кои најавуваат дека одлука ќе донесат вечерва.

„Заедничката маса на албанските парламентарни партии требаше да се свика кога се правеа уставни измени. Ние уште тогаш баравме да се свика таква маса за заедничкиот интерес на Албанците во РСМ. За нас повторно е многу важен статусот на Албанците во РСМ, затоа до крај на денот ќе донесем одлука заедно АА-ААА како коалиција, дали вреди да се седне на маса со албанските парламентарни апртии“, посочи Арбен Таравари.

„Вечерва најтесното партиско раководство има состанок и ќе донесе одлука за поканата. За тоа ќе се координираме и со коалициониот партнер“, додаде Скендер Реџепи.

Побаравме став и од ДПА, но одговор не добивме.