Ескалира реториката на релација Мицкоски – Ахмети. Претседателот на ДУИ предупреди дека ќе се наполнат скопските плоштади ако се допрел албанскиот јазик. Наспроти обвинувањата од Мицкоски дека ДУИ ќе се обидела да ја дестабилизира државата, Ахмети вели дека државата сака дестабилизација. Причина е претстојната одлука на Уставниот суд за Законот за јазиците.
„Доколку се допре албанскиот јазик, макар и денес, знајте дека плоштадите во Скопје ќе бидат полни. Не знам како да ве предупредам. Ние не создаваме криза, не ја дестабилизираме државата, но ако државата сака дестабилизација, јас предупредувам: „Допрете го албанскиот јазик, допрете ги достигнувањата на Албанците, гаранција од мене немате“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Мицкоски оцени дека Ахмети користел воинствена реторика повикувајќи на немири, но како што додаде, до тоа нема да дојде зашто Албанците се свесни за активностите на Ахмети. Според премиерот, овие пораки на Ахмети се притисок врз уставните судии.
„Тој продолжува да биде фактор на нестабилност и тоа мене ме загрижува, но и нашите меѓународни партнери ги загрижува што господинот Али Ахмети и ДУИ на дневна основа стануваат се повеќе и повеќе фактор на нестабилност“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Освен за прашањето за јазикот, Ахмети и Мицкоски се судрија и за влијанија во правосудството, но и за изјавата на премиерот, кога вели дека имал чувство дека на опозициски политичари им претстојат проблеми. Според ДУИ, Мицкоски со ова се заканува и ја злоупотребува власта.
„Да, треба да се грижат политичките криминалци коишто изминативе години, би рекол и децении, беа дел од власта… треба да се загрижени. // Тие се вознемирени и нормално е дека упатуваат такви пораки, инаку јас не се заканувам, не е тоа прво дел од мојот карактер да се заканувам…. Јас кога го правам тоа, го правам без да го направам со закани“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од ДУИ пак сметаат дека, како што соопштија, постојаните закани на Мицкоски покажуваат ароганција која е знак на несигурност.