Почна комисиската расправа за буџетот 2025 – за власта развоен, за опозицијата расипнички и генератор на долгови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според власта развоен со социјална компонента додека за опозицијата е расипнички и генератор на нови долгови, вакви се оценките за предлог Буџетот за идната 2025 година кој ќе изнесува 6,5 милијарди евра. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска претставувајќи ја проекцијата на државната каса рече дека тој обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските.

„Растот на просечната нето плата се очекува да изнесува 7.5 проценти на номинална основа односно 5,2 проценти на реална основа. Во 2025 година се очекува меѓународно опкружување постепено да се стабилизира а надворешната побарувачка да се зголеми. Така што извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, додека увозот 4,4. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти пред се како резултат на стабилизирањето на основните прехранбени производи“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Опозицијата со критики за предлог буџетот, велат тој е нереална проекција и со вакви политики Владата само ќе ја задолжува државата. Претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека пратеничката група нема да го поддржи овој буџет, а поради несогласувањата со проекциите тие поднеле 200 од вкупно поднесените 300 амандмани.

„Овој буџет ваков не може и не смее да биде поддржан. Со вакви политики Владата само ќе ја задолжува државата, ќе товари нови вработувања во администрацијата, ќе го зголеми долгот, ќе си троши на стоки и услуги а за граѓаните ќе нема ништо. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да гласа за ваков буџет. Како одговорна опозиција поднесовме повеќе од 200 амандмани за подобрување на клучните фискални политики. Предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, особено во образованието, полицијата, пожарникарите“, вели Венко Филипче.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ застана во одбрана на буџетот кој, како што рекоа е патоказ за излез од кризата во изминатите 7 години. За буџетот говореше и претседателот на фискалниот совет Глигор Бишев кој порака дека буџетските расходи не смеат да го надминат номиналниот раст на бруто домашниот производ. Свои излагања имаат и првите луѓе на Јавното обвинителство, на Судскиот совет како и од Народниот правобранител кои се пожалија дека буџетите на нивните институции се многу мали и не ги задоволуваат потребите на институциите.