За Монструм денеска сведочеа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Бујар Османи и Џељал Бајрами. На Ахмети обвинителката Фетаи му прочита транскрипт од разговори од бомбите. Фетаи прочита еден од разговорите меѓу Ахмети со еден соговорник, каде лидерот на ДУИ вели дека биолошкиот материјал не им припаѓа на осомничените, со исклучок на тие кои не се во земјава. Ахмети рече дека тоа што го кажува го базира врз информации од институции без да прецизира кои.
Ахмети исто така рече дека за Монструм побарал да се формира комисија за откривање на вистината. На прашање на адвокатката Дафинка Ивановска и обвинителката Фетаи, зошто ДУИ барала повторно судење за Монструм и на што се сомневала, тој рече дека ова барање е бидејќи првото судење фрлило сомнеж кај граѓаните за селективна правда.
„Најголем проблем беа материјалните докази кои треба да бидат силни и убедливи. Првото судење во јавноста остави простор дека не е судено како што треба и таквиот настан може да загрози и други опасни настани“, вели Али Ахмети.
По завршување на рочиштето Ахмети изјави дека ДУИ најмногу од сите сака да се расветли овој случај.
„Очекуваме судските органи да го обработат случајот, да пресудат и да го расветлат случајот, бидејќи ние како политичка партија плативме висока сметка за тоа, сите не обвинија нас дека сме актерите и дека сме тие кои сме го направиле случајот и не верувам дека некој друг го посакува повеќе ова од ДУИ“, додава Ахмети.
Освен на прашања на обвинителката, Ахмети одговараше и на прашања од Горан Наќевски, родител на една од жртвите кај Смилковското езеро. Наќевски го праша Ахмети под кои директиви Министерството за правда кое беше ресор на ДУИ во тоа време, не потпишало екстрадиција на двајцата првообвинети, а Ахмети одговори дека биле направени обиди за екстрадиција. Наќевски го праша Ахмети дали познава некого од обвинетите. Ахмети рече дека со обвинетиот Фејзи Азири се знаат од 2002 – 2003.
По Али Ахмети, во суд сведочеше и вицепремиерот Бујар Османи. Тој призна дека бил во домот на обвинетиот Хаки Азири кој порано бил заштитен сведок, но негираше дека знаел ладе бил тогаш Азири.
„Мислам дека е важно што судењето за Монструм е на повторно судење. Поради недостиг на транспарентност при првото судење фрли недоверба врз целиот овој процес но и врз судството во целост“, истакна Бујар Османи.
Сведочеше и Џељал Бајрами екс министер а внатрешни работи во периодот кога се случи Монструм. Бајрами во текот на сведочењето рече дека не бил согласен со тоа што Јанкуловска, без да им е утврдена вина на осомничените во тоа време, на прес конференција организирана од МВР за деталите за Монструм.
„Тензичната ситуација се однесуваше на тоа дека и реков на министерката дека ние не сме тие кои утврдуваме дали тие го сториле делото, за тоа е судот и обвинителството, преку транспарентна постапка“, посочи Џељал Бајрами .
Меѓутоа исказите на Ахмети, Османи и Бајрами според адвокатката Ивановска и Горан Наќевски не влијаат многу на случајот.
За петкратното убиство судењето ќе продолжи на 27 февруари каде ќе сведочат Синиша Алексовски, екс советник за национална безбедност на екс претседателот Ѓорге Иванов, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, екс министерот за правда Блерим Беџети и екс вицепремиерот Муса Џафери.
