Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по денешната лидерска средба истакна дека партијата се залага за една изборна единица со праг од пет проценти и со отворени листи. Во однос на предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката влада, Ахмети нагласи дека пред да се донесе одлука потребни се консултации со меѓународната заедница.
„Во однос на прашањето за техничката влада, ние сме на ставот дека треба да се консултираме дополнително со меѓународниот фактор и партнери кои се коавтори на текстот за Пржинска влада – ЕУ и САД“, рече Ахмети.
Во врска со измените во Изборниот законик, лидерот на ДУИ потенцира дека партијата ги презентирала своите предлози: „Се согласуваме со една изборна единица, со праг од 5 проценти и со отворени листи. Сега ова прашање останува за понатамошни дискусии.“
Ахмети се осврна и на изборот на Народен правобранител, истакнувајќи дека се потребни дополнителни консултации: „Не се направени потребните консултации, туку дејствијата биле преземени произволно, а консензуалната демократија има свои правила. Она што останува е координаторите на пратеничките групи да бараат решенија и дополнителни консултации за тоа како може да се реши ова прашање.“
За законите за проектот „Сејф сити“, кои бараат Бадентерово мнозинство и се блокирани од страна на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Ахмети посочи дека координаторите на пратеничките групи ќе се сретнат за да изнајдат решение.
Во однос на другите прашања кои тој планирал да ги покрене денеска, било договорено Ахмети дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.
