Здравствените работници се свесни дека постои корупција во нивните редови и дури 84 проценти од нив сметаат дека таа е делумно или многу распространета меѓу нивните редови покажува истражувањето. Сепак само 14 проценти од нив признаваат дека биле лично вклучени или сведочеле во коруптивни чинови во нивната установа. Од пациентите најчесто се бараат пари, но постојат и други посуптилни форми со кои се соочуваат веќе многу често.
„Не се работи само за поткуп во форма на пари кој што е најраспространет и најпознат во јавноста туку здравствените работници препознаваат и посуптилни форми на корупција како што е препраќање на пациенти од редовните термини покриени од Фондот во приватни термини кои што треба да ги платат приватно, препорака на специфични лекови, приватни лаборатории, приватни дијагностички установи и така натаму што носи финансиска корист за здравствените работници“, вели Борјан Павловски.
Како најчести причини за корупцијата е немањето термин иако во јавноста постои верување дека самите доктори вештачки создаваат недостиг на термини за да можат полесно да дојдат до финансиска корист. Она што е посебно изненадувачки е фактот што и самите здравствени работници меѓу себе се корумпираат односно значаен е поткупот за нивно напредување, за одење на специјализации, патувања или други состојби на интерес.
„Нема прашање практично во кое работењето или пак во функционирањето на здравствената установа а да не може да биде условено на некој начин или пак на кое што не може да се влијае преку злоупотреба на моќ, па така здравствените работници кажаа дека нивното секојдневно работење во смисла на смените, начинот на работење, задолжувања, професионален напредок, напредок нормален во кариера се прашања кои што се засегнати од злоупотребата на моќ и корупција“, вели Јасминка Фришчиќ.
Истражувањето е спроведено на 410 здравствени работници меѓу кои 21 директори или раководители на јавни здравствени установи од областа на гинеколошко-акушерската заштита.
