Веќе е јасно дека власта преговара за влез на АА во Влада. И лидерот на Интегративците, Али Ахмети рече дека имал средби со претставници на АА и дека се во преговори, но додаде дека се уште е рано да се зборува за конкретен епилог.
„Со Алијанса, средби, односно со нивни претставници имав и јас. Средба имал и Ковачевски со г. Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од преговорите меѓу страните“, вели Али Ахмети.
-Дали е ДУИ подготвена да се откаже од едно министерство?
Ахмети: Се уште не е разговарано за детали и не можам да предвидам нешто бидејќи процесот се уште трае.
Средбата со Ахмети ја потврдија и претставници од АА, но без да откријат која била темата на средбата.
„Ние постојано имаме комуникација со сите политички партии. Во овој правец имало и средба на делегирани лица од претседателот (в.д.) за средба и со ДУИ. Ваков тип комуникации ќе продолжиме со сите политички партии, а особено интензивна комуникација ќе има со албанските политички партии“, велат од АА.
Но од друга страна портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски додаде дека средбата меѓу Ковачевски и Таравари не е покана за влез на АА во влада, туку за поддршка на европскиот процес.
И според портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во оваа фаза со АА се дискутира за оценување на политичкиот момент, а за тоа дали ќе се премине во втората фаза што ќе значи договор за формлана коалиција или не, тоа веќе зависи од проценката на првата фаза, рече Османи.
