Расправија меѓу Венко Филипче и гувернерот Трајко Славески за Алта банка на социјалните мрежи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, јавно реагираше на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со одлуката за воведување администрација во АЛТА банка АД Битола. Преку објава на својот профил на социјалната мрежа Икс, Славески му порача на Филипче дека неговите наводи се неточни и побара да ја повлече објавата.

„Почитуван докторе, разумен човек уште веднаш „хируршки“ би го отстранил/избришал овој срамен пост. За да не се срамите кога утре Службен весник и еден дневен весник ќе го објават Решението за воведување на Алта банка АД Битола во администрација“, напиша Славески.

Во продолжение, гувернерот повторно ги објасни ограничувањата што произлегуваат од воведувањето администрација во банката, со посебен осврт на третманот на правните лица.

Тој посочи дека, за разлика од физичките лица, правните лица нема да можат да повлекуваат средства од своите сметки во АЛТА банка преку платните системи или во готовина.

Сепак, ќе можат да вршат трансфери на парични средства во неограничен износ кон сметки на други клиенти во рамките на истата банка.

„Јасно е сега?“, заврши Славески во директната порака упатена до лидерот на СДСМ.