Се наближуваат локалните избори, а Кичево и понатаму е една од најактуелните општини кога станува за тоа – кој ќе раководи со неа во следните 4 години. Од Алијанса за Албанците во неколку наврати изјавија дека ќе имаат кандидат во сите албански општини, но сѐ уште не го откриваат името на кандидатот за Кичево. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „Клик Плус“, рече дека во 2017 година постигнале договор со Села и дека не му го должи Кичево.
„Тоа беше јавно излагање на г.Села дека Алијанса нема да излезе со кандидат во Кичево, но дека ќе ги измерат силите преку Советот. Ако во Советот имаме мнозинство, на следните избори ќе излеземе со кандидат за градоначалник. Овој тест е направен“, истакна Ахмети.
Челникот на Алијанса пак, на брифинг со новинари рече дека си стои на зборот, но потсети дека во тој случај Струга и Брвеница, општини каде победиле со советници, треба да ѝ припаднат на коалицијата АА-ААА.
„Тие се повикуваат на моја изјава од 2017 година кога излеговме со советничка листа во Кичево. Јас тогаш му понудив на Ахмети – кој ќе победи со советничка листа во загрозените општини, нему да му припадне кандидатот за градоначалник. Ахмети, како што нема став по многу прашања, немаше став и кога требаше да ми одговори во однос на оваа понуда. Јас стојам зад ова, тие победија во Кичево, но потсетувам дека ние победивме со листа за советници во Струга и Брвеница, што значи дека нам ни припаѓа кандидатот во овие две општини. Ахмети треба да одговори дали ја прифаќа понудата“, посочи Села.
Но, синоќа во „Клик Плус“ Ахмети откри дека огранокот на ДУИ во Кичево повторно ќе го предложи Фатмир Дехари за прв човек на општината.
„Кандидат на огранокот ќе биде Фатмир Дехари и се трудиме да го најдеме најдобриот можен начин за да биде единствен кандидат, додаде Ахмети.
Запрашан дали би прифатил и трет мандат, Дехари со одговор дека поддршката ја наоѓа кај народот.
„За време на целиот овој временски период заедно со граѓаните успеавме да развиеме важни проекти и несомнено секој процес каде граѓаните се носители. Мислам дека сум дел од граѓаните, дел од народот и останувам на ставот дека поддршката ја наоѓам кај народот и за народот“, изјави Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево.
Инаку, својата кандидатура за градоначалник на Кичево ја објавија Фатмир Лимани како независен кандида и Џевдет Спахиу – кандидат од дијаспората.
