Гласините за можни политички поместувања повторно ги разгоруваат несогласувањата меѓу ВЛЕН и НАИ. Амир Елези од ВЛЕН вели дека Владата во моментов е стабилна и нема потреба од проширување на коалицијата. Сепак, тој не ја исклучува можноста за нејзино проширување. Според него, ВЛЕН се отворени за разговори доколку има интерес од претставници на опозицијата да ѝ се приклучат на коалицијата. Елези потврдува дека веќе има разговори на различни нивоа.
„Она што вреди да се каже е дека во моментов Владата е стабилна, немаме потреба, но доколку ВЛЕН процени и доколку има желба и од претставници на опозицијата да станат дел од нашата коалиција, во духот на непреченото одвивање на процесите, ние сме отворени да разговараме. Она во што сум сигурен е дека има разговори на различни нивоа и, во тоа сум сигурен“, порача Амир Елези.
Ставовите на Елези ги отфрла Фатон Положани од НАИ, кој вели дека соработката во рамки на коалицијата е на најдобро и најкоректно ниво. Положани информираше дека во Брвеница НАИ настапува обединето, а воедно ги обвини ВЛЕН дека се обидуваат да прикажат недостиг на координација во опозицијата.
„Ние зборуваме одговорно и сериозно. До моментот кога зборуваме, соработката во коалицијата НАИ е на најдобро и најкоректно ниво и имаме изборен предизвик во Општина Брвеница, каде што настапуваме како НАИ и тука нема никаква дилема меѓу опозициските партии. Она што претставниците на ВЛЕН се обидуваат да го прикажат како некаква некоординација, мислам дека работите се јасни во опозицискиот блок“, вели Фатон Положани.
Положани истакна дека по завршувањето на внатрешната реорганизација, ДУИ е подготвена за избори. Според него, изборите се неопходни за да им се врати легитимитетот на граѓаните и тие да го определат субјектот што ќе ги претставува Албанците во Владата. Елези од ВЛЕН, пак, рече дека по победата на локалните избори, на кои ДУИ беше поразена, сега се подготвени и уверени и во други победи, кога и да се одржат.
