Ахмети во обид да ја смири „огнената група“ – Меџити и Беџети очекуваат нивните барања да се земат во предвид

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Незадоволни во ДУИ, ограноците во Сарај и Чаир, предводени од Блерим Беџети и Изет Меџити, во партиското седиште во Мала Речица, се сретнаа со претседателот на ДУИ Али Ахмети за да разговараат за нивните негодувања и барања, кои пред неколку дена ги кажаа и во отворено писмо.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата рече дека дебати во ДУИ отсекогаш имало и ќе има и дека тоа се мали работи кои ќе се средат.

„Тоа е национално богатство, 20 годишна инвестиција е ДУИ. Ние сме горди на луѓето кои не претставуваат, било во Брисел или во Вашингтон, и не го велам јас ова, така ми кажаа меѓународните претставници, дека навистина имаме добри претставници. Тие ситници треба да се поправат. Пред се е човечноста, браќа мои, функциите доаѓаат и си одат, човечноста останува, тоа им го кажав, на свадби сме оделе, заедно сме правеле, за мали нешта да не се делиме и да не се јадеме“, вели Али Ахмети.

Во меѓувреме, Изет Меџити нагласи дека го известиле Ахмети за поплаките и очекува лидерот на партијата да ги земе предвид.

„Не тврдам дека сме 100% во право. Имаме елаборирано конкретни барања, реални барања, а тоа е да се воспостави раководство  во ДУИ и да се врати дебатата. Имаме аргументи против извршната власт. Ова не е прв и последен пат тоа да се случува во рамките на ДУИ и очекувам од г. Ахмети да ги земе предвид состојбите и на дебата да излезе со конкретни решенија“, вели Изет Меџити.

Претходно и Блерим Беџети од огранокот Сарај изјави дека не биле таму за никаков договор туку да зборуваат за проблемите на огранокот.

„Денес не сме тука за договор, ние сме за проблемите на огранокот што реално секој огранок ги има, па и огранокот на Сарај, има одредени незадоволства, свои постигнувања и нормално  и другиот дел, ја информирав и целата структура на огранокот зошто сум дел од потпишувањето на писмото што го испративме“, порача Блерим Беџети.

Ахмети на новинарско прашање рече  дека ДУИ може да функционира и без Артан Груби.