Покрај радоста за победата на НАИ во општините Гостивар и Врапчиште, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од вчерашната прослава изрази и загриженост која не ја споделил во ниту еден момент за време на изборниот процес. Според него, на НАИ ѝ била „направена саботажа“, особено во овие две општини каде локалните избори беа повторени поради недостиг на цензус.
„Освен што се користеше инженеринг во другите општини, тука беше користено друго средство – саботажа, бојкот, за да не триумфираат во првиот круг на изборите. Сакам да ја споделам оваа загриженост која ја чув за себе. Сакам да им се заблагодарам на сите активисти на ДУИ и АА кои работеа заедно за заедничкиот дом и за да ја зачуваат дадената доверба.“, порача Али Ахмети
Победата во овие две општини ја прослави и Арбен Таравари од АА, партија-фракција која остана во НАИ. Тој истакна дека овој коалиционен блок докажал дека може да постигне извонредни резултати, а очекува и предвремени парламентарни избори оваа година.
„Алијансата за национална интеграција покажа дека заедно можеме да постигнеме извонредни резултати. Ова е нов дух кој верувам дека ќе продолжи и на парламентарните избори кои ги очекувам во 2026-та, без разлика дали ќе се одржат во мај или во октомври“, вели Арбен Таравари.
Коалицијата ВЛЕН им ја честиташе победата на Лимани и Шабани, но истакна дека генерално, на овие локални избори ВЛЕН е апсолутен победник со освоени 10 општини.
„Овие избори јасно покажаа дека Албанците проговорија со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се недвосмислен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, сила која води, обединува и носи долгоочекувани промени на локално ниво“, велат од ВЛЕН.
Со победата во 56 општини, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека неговата партија е сеопфатен победник на овие локални избори. Нивниот кандидат победи и на повторените избори во Маврово-Ростуше против СДСМ, победа која Мицкоски не ја гледа само како локален резултат, туку и како јасна политичка порака.
„Ова не е случајност, туку јасна политичка пресуда од граѓаните. Ова претставува и сериозен неуспех за СДСМ и за актуелното раководство на оваа политичка партија.“, порача Христијан Мицкоски.
СДСМ со одговор: Мицкоски во паника – опозицијата доби двојно повеќе гласови од власта!
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии. Опозицијата освои 21.394 гласови, додека власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен: власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва, и тоа убедливо“, велат од СДСМ.
Во општина Центар-Жупа, за градоначалник беше избран кандидатот на Турската демократска партија, кој преку статус на Фејсбук истакна дека оваа значајна победа е јасен доказ за единството, вербата во нивната кауза и непоколебливата духовна врска што ја изградиле со народот.
