Наместо декларираните 20% млечна маст, во сирењето имало само 1%, наместо млечни масти користеле палмино масло.. Агенцијата за храна и ветеринарство, при вонредни контроли во поголемите синџири на маркети, откри сериозни манипулации и измами на потрошувачите. Од 45 анализирани мостри од млеко и млечни производи, кај дури 10 оператори со храна, утврден е значително помал процент на млечни масти од она што било официјално декларирано.
„Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека биле декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент, за што му е изречена парична казна од 3 500 евра во денарска противвредност“, вели Оливер Миланов.
Казни од 1.050 евра за измама на потрошувачите заработиле уште осум оператори, кај кои биле утврдени разлики во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи. А биле уништени 500 килограми спорен млечен производ кој содржел палмино масло.
„Кај друг оператор со храна, со тестирањата констатирано е дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1 300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор се повлечени од промет и нештетно уништени на депонија.“, вели Оливер Миланов.
Инаку, ветеринарите земале вкупно 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомесни производи, од домашно производство и од увоз, за да утврдат дали нивниот реален квалитет соодветствува со она што е напишано на декларациите. Готови се само лабараториските аналализи за млечните производи, а сувомеснатите се чекаат.
