Вајц побара од Кос дипломатски ангажман за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, побара од еврокомесарката Марта Кос дипломатски да се ангажира за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Ова барање тој го упати пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде што беше презентиран пакетот за проширување.

„Сакам позитивно да го истакнам начинот на кој Хрватска и Црна Гора ги третираат билатералните прашања. Сакам да им се заблагодарам на премиерот Пленковиќ и премиерот Спајиќ што разговараат меѓу себе, што седнаа на иста маса и наоѓаат решенија за билатералните прашања. Бидејќи билатералните прашања на ниту еден начин не треба да го попречуваат напредокот во процесот на пристапување. Токму така треба да се постапува“, истакна Вајц.

Вајц оцени дека ова е одличен пример за тоа како може да се решаваат билатералните прашања преку дијалог и во други земји, како што е Македонија.

„Некои од билатералните прашања веќе се на европско ниво. Станува збор за вклучувањето на малцинствата и, во таа насока, треба да се спроведат уставните измени. Но, повторувам, единствениот начин да се излезе од овој ќор-сокак е страните да разговараат меѓу себе, односно владите на Бугарија и Северна Македонија да седнат и да дискутираат. Бидејќи знаеме дека мотивацијата не е секогаш на највисоко ниво, ве молам, комесарке, да вложите дипломатски напори во оваа насока“, ѝ се обрати Вајц на комесарката Кос.

Претходно, Кос го презентираше пакетот за проширување за 2026 година, кој ги опфаќа извештаите на Европската комисија за десетте земји кандидати за членство во ЕУ. Таа истакна дека секоја земја кандидат може да се приклучи на групата држави кои брзо напредуваат и дека Европската Унија ги охрабрува сите кандидати да го направат тој избор.

Во однос на Македонија, таа рече дека Владата покажува посветеност на реформите и реформската агенда.

„Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува земјата на патот кон ЕУ. Нашата цел останува отворање на првиот кластер штом ќе се исполнат условите. Земјата треба да ја исполни обврската за завршување на уставните измени, како што е утврдено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Сега сè зависи од Северна Македонија“, рече Кос.