Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека извршила вонредни надзори на кафулиња, пицерии, пекарници, слаткарници, и други угостителски објекти. Меѓутоа имало отстапки во спроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација кај одредени оператори, а дел од нив пуштале во промет небезбедна храна.
„Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во вторникот, во Гостиварско спроведоа 70 вонредни надзори со кои беа опфатени промет, кафе барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производство и пакување на овошје и зеленчук и др оператори со храна. Акцент при контролите беше ставен на утврдување дали операторите од овој регион ја почитуваат донесената забрана на АХВ за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.
Кај операторите не се утврдени отстапки во овој дел, односно, за послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата, забраната се почитувала и се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси. За послужување на гостите во угостителските објекти, утврдено е дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор.
Во однос на утврдените недоследности – неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација (5 оператори), неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените кај 18 оператори, затекнати се и 11 правни лица кои не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, за што покрај парична казна изречена им е и времена забрана за вршење на дејноста до регистрирање. Двајца оператори утврдено е дека пуштале во промет небезбедна храна во количина од 18 килограми ( виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами, путер) кои се нештетно уништени. За констатираните недоследности покрај наложеното спроведување на задолжителни здравствени прегледи за вработените лица кај операторите со храна, забрани за вршење на дејност (12), опомена и наредби за отстранување на недоследностите со контролите, изречени се и 30 парични казни во вкупна висина од 7.750 евра во денарска противвредност.
Во поглед на брзо надминување на состојбата со водата за пиење во овој регион и намалување на бројот на заболени лица, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до операторите и граѓаните да се почитува забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем, а секоја недоследност и непочитување на донесената забрана може да ја пријават лично во АХВ или во нејзините подрачни единици, електронски на info@fva.gov.mk, како и на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22.“, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.
